ПРОФЕСОР ОД КЕНИЈА КОЈ СО ПЛАТАТА ПОМАГА СИРОМАШНИ УЧЕНИЦИ ДОБИ МИЛИОН ДОЛАРИ КАКО НАЈДОБАР УЧИТЕЛ НА СВЕТОТ

Дубаи, (Би-Би-Си)

Професор по математика и физика од Кенија, кој со поголемиот дел од својата плата поддржува сиромашни ученици, ја освои наградата од еден милион долари, што му се доделува на најдобар учител на светот.

Питер Табичи е годинашниот добитник на „Глобал тичер прајз“ за своите постигнувања во средното училиште во руралната област Накуру, кое е пренатрупано со ученици, има многу малку книги и нестабилна интернет врска.

Тој секој месец одвојува 80% од својата плата за да им помага на сиромашните ученици, кои инаку не можат да си дозволат да купат книги или униформи.

„Не е сè во парите“, вели Табичи.

Наградата му беше доделена на церемонија во Дубаи, кадешто настапија Рита Ора и Лијам Пејн. Во конкуренција за наградата беа 10.000 учители и професори од 179 држави.

Повеќето од неговите ученици доаѓаат од сиромашни семејства, некои се сираци или имаат само еден родител. Голем дел од нив секој ден мора да пешачат по шест километри до училиштето. И покрај сè, тие покажуваат добри резултати на национални и на меѓународни натпреварувања по наука токму благодарение на Табичи.

„Сакам моите ученици да сфатат дека науката е нивниот пат кон иднината. Иако се соочуваме со многу предизвици во училиштето, целосно сум посветен да им дадам шанса да научат за наука и да ги проширам нивните хоризонти“, додаде Табичи.