АВТОРКАТА НА „СЕКСОТ И ГРАДОТ“ НАЈАВИ НОВ РОМАН ВО ДУХОТ НА ДВИЖЕЊЕТО #METOO

Њујорк, (АП)

Издавачката куќа „ХарперКолинс“ објави дека авторката на светскиот бестселер „Сексот и градот“, Кендис Бушнел, ќе соработува со писателката на бестселери за млада публика Кејти Котуњо на книгата „Правила за да се стане девојка“.

Романот во духот на движењето #MeToo треба да излезе во април 2020. Приказната е за средношколката Марин и што се случува кога еден учител ѝ се додворува. Во стилот на Кери Бредшо, главниот лик од „Сексот и градот“, Марин ја почнува колумната „Правила за да се стане девојка“ во весникот на училиштето.

„Новата книга сака да се обрати на новата генерација девојки и ќе покаже како останатите се однесуваат со нив“, изјави Бушнел.

Котуњо, која е позната по книгите „99 денови“ и „Како да се сака“, се опишува себеси како авторка на „хаотични, комплицирани, феминистички љубовни приказни“.