Седма година по ред, „Ченги“ во Сингапур е прогласен за најдобар аеродром на светот, а вкупно десетти пат досега.
Со базен на покривот, градини со кактуси и пеперутки, трговски центар на четири спрата и со 24-часовно кино, патниците не треба да бидат многу загрижени ако случајно им доцни летот. Отворен во 1981, „Ченги“ постојано се модернизира и додава нови содржини, а најнови се зелена оаза и најголемиот водопад во затворено на светот, што ќе бидат отворени во наредните недели.
Во годишниот избор на „Скајтрекс“, „Ченги“ ги победи аеродромите во Токио, Инчеон, Доха и Хонг Конг. Минхен е на седмото место како најдобар европски аеродром, а највисоко рангиран аеродром во САД е Атланта, но дури на 36. место.
Освен со своите големина, архитектура и комфор, „Ченги“ воодушевува и со изборот на храната, па тука можат да се најдат ресторани со малајска, кантонска, корејска, виетнамска, западна, сингапурска, индиска кујна…
„Да се биде прогласен за најдобар аеродром на светот седма година по ред е неверојатно постигнување и оваа награда ја потврдува неговата популарност меѓу патниците“, изјави извршниот директор на „Скајтрекс“, Едвард Плејстед.