СО НОВИОТ ЦАР, ВО ЈАПОНИЈА НАСТАПУВА ЕРАТА НА РЕД И ХАРМОНИЈА

Токио, (Би-Би-Си)

Јапонија објави дека името на новата царска ера во земјата, која почнува на 1 мај, ќе биде „Реива“, што означува ред и хармонија. Сегашната ера, наречена „Хејсеи“ (постигнување мир), завршува со абдикацијата на царот Акихито, прва по повеќе од два века.

Името на новата ера, што во голема тајност го избира тим од експерти и професори, е составена од два карактери, Реи (ред) и Ва (мир или хармонија).

„Ова е првпат името да е преземено од древна антологија на јапонски поеми, место од кинеска. ‘Манјошу‘ ги симболизира раширената јавна култура и долгата традиција на Јапонија. Нашата нација се наоѓа на голема пресвртница, но имаме многу традиционални вредности што не смеат да исчезнат“, кажа јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Почнувајќи од 1868 година, досега имаше четири ери во модерната историја на Јапонија.

Името на ерата има за цел да го постави тонот за наредните децении и има големо значење во секојдневниот живот на многумина Јапонци. Тоа се појавува на монети, весници, возачки дозволи и на официјални документи.

Јапонската влада во декември 2017 потврди дека сегашниот цар, 85-годишниот Акихито, ќе се повлече во април 2019, со цел да му го предаде тронот на својот син, принцот Нарухито, кој со тоа ќе стане 126. цар во историјата.

„Името на ерата си носи своја тежина, бидејќи треба да дефинира еден период. Животот во Јапонија е исполнет со тие комбинации на традиција и модерно, што други луѓе може да иритира и тоа е она што ја разликува оваа земја од други општества“, изјави Даниел Снајдер, експерт за Јапонија од Универзитетот Стенфорд.