ВИСОКИТЕ ЗГРАДИ ВО САД ГОДИШНО УБИВААТ МИЛИОНИ ПТИЦИ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Њујорк, (Гардијан)

Светлата и отсјајот на високите структури во американските градови секоја година се виновни за смрт на милиони птици, покажа најново истражување.

Истражувањето што го спроведе орнитолошката лабораторија „Корнел“ рангираше 125 американски градови според опасноста што ја претставуваат за птиците и на првото место се најде Чикаго, кој е и најпопуларна маршрута за миграција на птици во САД. Густо населените области на Њујорк и Лос Анџелес, каде што има стотици стаклени облакодери, исто така се многу смртоносни за птиците.

Ова е продолжение на истражувањето што почна во 2014 година и се проценува дека меѓу 100 милиони и една милијарда птици годишно умираат во градовите низ САД.

„Судирот со зградите, особено со прозорците, претставува огромна закана за птиците. Грубите проценки кажуваат дека од сто милиони до една милијарда птици годишно загинуваат во САД. Птиците преселници се во најголема опасност, бидејќи тие се привлечени од вештачките светла на зградите на своето ноќно патување низ големи градови“, се вели во студијата.

Со слични проценки излезе и Центарот за миграција на птици на „Смитсонијан“.