Кашкавалот добива појак вкус кога се прави додека се слуша музика, особено хип хоп, стои во истражувањето на Универзитетот за уметност во Берн, Швајцарија.
За време на експериментот, студентите и компанијата „Каесехаус К3“ неколку месеци работеле заедно на производство на кашкавали и слушале музика.
„Производството на секој од осумте видови кашкавал беше изложено на различен стил на музика во период од шест и пол месеци. Откако беа направени, секое парче беше анализирано од професионални технолози за храна и потоа преку сензорна анализа беше оценето од кулинарски експерти, кои имаа превез на очите“, вели шефот на истражувањето Михаел Харенберг.
Резултатите беа неверојатни: кашкавалите кои беа изложени на музика имаа поинаков вкус од оние кои се работат по стандардна процедура. Притоа, кашкавалите направени додека се слушала хип хоп музика имаа „забележлив силен мирис и посилен вкус од останатите примероци“.