НА 19 МАЈ ЌЕ ГИ ИСКЛУЧИМЕ ТЕЛЕФОНИТЕ И ЌЕ СЕ ОПИЈАНИМЕ, ВЕЛАТ КРЕАТОРИТЕ НА „ИГРА НА ТРОНОВИ“

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Креаторите на ултрапопуларната ТВ-серија „Игра на тронови“ велат дека уште пред пет години го знаеле крајот и оти се нетрпеливи да видат дали на публиката ќе ѝ се допадне.

„Сакаме на луѓето да им се допадне. Многу ќе ни значи“, вели Д. Б. Вајс, кој заедно со Дејвид Бениоф ја создаде серијата базирана на романите на Џорџ Р. Р. Мартин.

„Исто така, знаеме дека што и да направиме, дури и да е најоптималната верзија, ќе има луѓе кои ќе ги мразат сите можни верзии“, додаде Вајс.

Последните шест епизоди од наградуваната серија на Ејч-Би-О ќе почнат да се емитуваат на 14 април, а финалето е на 19 мај.

Двајцата извршни продуценти велат дека сè потешко и потешко се справувале со криењето на деталите од сценариото.

„Нема да се опуштиме сѐ додека не се емитува последната епизода. Искрено сме среќни што за време на продукцијата ништо не се дозна. Сега влегуваме во најопасната фаза“, вели Бениоф.

Вајс и Бениоф додаваат дека планираат да се сокријат некаде кога ќе се емитува последната епизода.

„Ќе отидеме на некоја скриена локација, ќе ги исклучиме телефоните и ќе отвориме многу, многу шишиња“, кажа Вајс, а Бениоф додава: „Планирам да бидам многу пијан и многу далеку од интернет“.