Вечерва во 21.30 часот во Денсинг салата на Младински културен центар, Сашко Костов ќе одржи концертна промоција на својот нов албум „Крик и прашина“. Албумот има осум песни: „Прашина“, „Еј, еј“, „Ништо посилно“, „Ливинг“, „Неонски хаос“, „Еве ти сон“, „Здив“ и „Последна“.
„Сашко Костов со овој албум отвора ново поглавје во неговото истражување на музиката. Не само што сам ги свири скоро сите инструменти на албумот, туку и со текстовите на македонски јазик, напишани заедно со писателката Ана Стојаноска, албумот ‘Крик и прашина’ е оригинална, автентична и емотивно-експресивна приказна за едно патување низ музичките соѕвездија. Славчо Пеев и Антоније Арангеловиќ свират на цел албум, а Михаил Парушев, Бојан Петков-Шамба, Анета Качуркова, Александар Ристовски-Принц и Огнен Анастасовски-Окац се појавуваат како гости на по една песна“, стои во најавата на настанот.
На промоцијата, Костов ќе пее и свири на гитара, семплер и на удиралки, заедно со придружни музичари.