СИНИША ЕВТИМОВ ВО МНТ ЈА ПОСТАВУВА „#ТИКТАК“ ЗА ПУБЛИКА НАД 18 ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерот Синиша Евтимов во Македонскиот народен театар (МНТ) ја подготвува претставата „#ТикТак“. Станува збор за современа комедија по мотивите на филмот „TOC TOC“ (Trastorno Obsesivo Compulsivо, односно во превод од шпански јазик, Опсесивно-компулсивно нарушување) на францускиот писател Лорен Бафи и на шпанскиот режисер Висенте Виљануева. Адаптацијата е на Евтимов, а преводот на текстот е на Благоја Бошковски.

Во претставата играат Јордан Симонов, Александар Микиќ, Николина Кујача, Оливер Митковски, Сашка Димитровска, Тања Кочовска и Александар Михајловски. Сценографијата ја работи Илина Ангеловска, а костимите Александар Ношпал.

Од МНТ велат дека премиерата ќе биде на 16 мај на малата сцена, а поради експлицитните реплики кои се употребени во текстот, претставата е наменета за возрасна категорија над 18 години.

Евтимов во МНТ ги има поставено хит претставите „Сомнително лице“ и „Не се клади на Енглези“.