Смартфони со екрани на преклопување се следна голема технолошка работа, но „Леново“ претстави прототип на првиот компјутер на преклопување на светот.
Кинеската компанија ја развива оваа технологија веќе три години и планира да има готов производ во 2020 година, како дел од нејзиниот ударен бренд „ThinkPad X1“. Целта е да се направи уред од класа на лаптопи, а не секундарен компјутер како таблет.
И додека „Самсунг“ и „Хуавеи“ се обидуваат уред со димензии на регуларен смартфон да направат поголем, идејата на „Леново“ е од класичен лаптоп да добие нешто помало.
Резултатот е 13,3-инчен ОЛЕД дисплеј во 2К резолуција, кој кога ќе се преклопи, има димензии на книга во тврд повез, што ќе тежи околу еден килограм. Од „Леново“ велат дека неговата батерија „ќе трае цел ден“.
„Во ‘таблет режим‘ можете да гледате содржини, во ‘книга режим‘ можете да читате при што двете страни се преклопуваат како книга, а во ‘продуктивен режим‘ тој се претвора во лаптоп со дигитална тастатура“, велат од „Леново“.