„ТОМ СОЕР“ ПРЕМИЕРНО ВО ТЕАТАР ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Театарот за деца и младинци утревечер (19 ч.) ја има првата премиера за годинава, „Том Соер“, според романот на Марк Твен, во драматизација на Горјан Милошевски и режија на Деан Дамјановски.

Режисерот вели дека претставата е комедија-фарса во вестерн стил и дека е направена во манир на популарната серија „Палавковци“, како и дека има стриповска естетика.

(Фото: ТДМ)

„Кое дете не мечтае да биде херој како оние од книгите, филмовите, цртаните серии? Кое дете не сака макар на ден да порасне во очите на тие околу него и да го добие нивното признание? Ова е претстава за ‘малиот голем човек’ Том Соер, херојот на измисленото гратче Сент Питерсбург во Америка. Том Соер е идол на генерации деца кој нѐ потсетува дека во секој од нас лежи еден херој и дека сѐ што треба за да го разбудиме е да веруваме во себеси. Се надевам дека претставата ќе ве натера да поверувате во тоа“, вели Дамјановски.

Играат Бојан Кирковски, Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Марија Ѓорѓијовска. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, а музиката на Горан Трифуновски-Пајак.

Б. НЕСТОРОСКА