„По патот на Фаринели“ е насловен вечерашниот концерт (од 20 часот) на Филхармонијата, под диригентство на Борјан Цанев. Како солист ќе настапи славниот контратенор од Украина, Јури Мињенко, кој заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе изведе дела од Вивалди, Корели, Броски, Глук, Порпора и Хендл.
Маестро Цанев со тоа одбележува 20 години од неговиот прв концерт со Филхармонијата.
„Гласот на контратенорот или кастратот се смета, главно, за феномен на раната музика, но се проширува и современиот репертоар за овие пејачи. Најпознат кастрат бил Карло Броски-Фаринели, првиот ‘суперстар’ во историјата. Бил обожаван во Европа, а на претставите постојано му извикувале ‘Еден бог и еден Фаринели’. Пеел пред Луј 15, а во Шпанија со пеење го лекувал кралот Филип Петти од лошо расположение. Имал распон на гласот од три октави и необично долг здив“, велат од Филхармонијата.