„РОКЕТМЕН“ ГИ РАСПЛАКА ЕЛТОН ЏОН И ЕКИПАТА ВО КАН

Кан, (АФП)

Долгите стоечки овации на премиерата на биографскиот филм за Елтон Џон „Рокетмен“ во Кан ги расплакаа режисерот Декстер Флечер и актерот Тарон Еџертон.

Некои од критичарите го оценија како еден од најискрените биографски филмови во изминатите години, а Стјуарт Олдман од „Вараети“ твитна дека „’Рокетмен’ е фантастична музичка драма, која ги погодува сите ноти, особено тажните“.

Тарон Еџертон и Елтон Џон на прес-конференцијата во Кан (Фото: АП)

Сер Џон не можеше да ја сокрие среќата, па постојано ги гушкаше екипата и неговиот долгогодишен текстописец и пријател Берни Топин, кој, исто така, е претставен во филмот.

Седумдесет и двегодишната британска мегаѕвезда изгледаше како да има проблеми со колковите додека позираше за фоторепортерите на црвениот килим пред премиерата. Облечен во црно одело, на кое на грбот со сребрени светки беше навезено „Rocket Man“, тој си ги избриша солзите под темните очила кога се угасија светлата пред проекцијата.

Џон и Еџертон настапија на забавата по премиерата (Фото: АП)

Флечер кажа дека филмот не е официјална биографија, туку изразување на личните сеќавања на Џон.

„Се наоѓаме во внатрешноста на сеќавањата на Елтон од неговиот живот и работите знаат да се измешаат и збунат“, кажа режисерот, кој го доработи „Боемска рапсодија“ откако беше отпуштен Брајан Сингер.