Седмиот интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“ почна синоќа во Даут-пашин амам со големи имиња од балканската литература, амбасадори, културни аташеи и преведувачи.
Низ кратки претставувања на секој од гостите, публиката дозна повеќе за нивните дела и стил на пишување, односно што е тоа што ги прави оригинални. Гости на фестивалот, покрај годинашниот лауреат Алек Попов од Бугарија и ланскиот Светослав Басара од Србија, се Теофил Панчиќ од Србија, Јагода Михајловска-Георгиева, Једрт Лапух Малежич од Словенија, Тарик Туфан од Турција и Ивица Пртењача од Хрватска. Фестивалот го отвори Дејан Трајкоски, директорот на „Про-За Балкан“, кој ги поздрави гостите писатели со „Беше еднаш во Скопје“, алудирајќи на филмот „Беше еднаш во Анадолија“, чиј сценарист Ерџан Кесал токму денеска ќе биде гостин на фестивалот.
„Хуморот не може да се научи да се пишува. Во хуморот има една пакост. Како мал бев како зевзек, односно сакав да ги ставам луѓето во некоја непријатна ситуација и тоа да биде смешно. Мене не ми е целта да пишувам смешно, ама така се случува. Добрата сатира е насочена кон силните, а не кон слабите. Ако е насочена кон слабите, тогаш таа преминува во снобизам. Тоа е мојот прост рецепт во пишувањето и тоа, се разбира, е поврзано со многу непријатности“, рече лауреатот Попов.
„Про-За Балкан“ продолжува денеска во Турскиот културен центар „Јунус Емре“, каде што од 17 часот ќе се одржи средбата „Ерџан Кесал во Скопје!“ со специјалниот гостин Ерџан Кесал, сценарист на канскиот победник од 2011, „Беше еднаш во Анадолија“. Модератори ќе бидат Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
Два часа подоцна, во ЕУ-инфо центарот ќе се одржи тркалезната маса „Литература, страв, политика“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на програмата „Скопје фелоушип“.