Со врачувањето на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот за бугарскиот писател Алек Попов и српскиот автор Светислав Басара, синоќа се затвори 7. издание на фестивалот „Про-За Балкан“ во Скопје.

„Тука, на Балканот, а и не само тука, не можеме да опстанеме без хумор и иронија. Шегата е тест на интелигенција, на кој би требало да сме подложни секој ден. Бидејќи без интелигенција, нема толеранција. А, без толеранција сме загубени, колку и банално да звучи ова“, рече Попов.

Наградата му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот Александар Прокопиев, кој ги има преведено неговите романи „Мисија Лондон“ и „Сестри Палавееви“.

„Оваа награда е признание за нешто што многу често се занемарува во литературните кругови кои имаат високи претензии, барем во мојата земја. Иронијата, парадоксот, хуморот, травестијата, карневалот, дистинктивни особини не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка“, кажа Попов.

Српскиот писател Светислав Басара (Фото: Про-За Балкан)

Басара од здравствени причини лани не можеше да дојде во Скопје за да ја прими наградата. Тој се заблагодари за признанието и за трпението што организаторите на фестивалот го имале.

Во чест на Попов, вечерва во Кинотеката (21 часот) ќе биде прикажан филмот „Мисија Лондон“ (2010), снимен според неговото сценарио.