МИТ Е ДЕКА ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕАТ НАЈСМРТОНОСНИТЕ ЗМИИ НА СВЕТОТ, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИ

Мелбурн, (Гардијан)

Популарното верување дека Австралија е дом на најсмртоносните змии на светот е главно мит, при што поголем ризик од каснување и смрт постои низ Азија, Африка и Јужна Америка, велат од Националната научна агенција.

Херпетологот Ручира Сомавера вели дека митот настанал пред десетици години и произлегол од проучувањето на видови кои содржат највисоко ниво на отровност, како кафеави змии.

„Ако погледнете колку луѓе годишно умираат во Австралија од каснување од змија, тоа е речиси ништо, особено во споредба со некои други делови од светот. Факторите како квалитетот на противотрови, познавањето на прва помош и медицинската услуга се на високо ниво во Австралија и тоа придонесува за така мала бројка на смртни случаи“, вели Сомавера.

Тој проценува дека годишно во светот има еден милион каснувања од змија, а само во Индија умираат околу 10.000 луѓе.

„Во Шри Ланка, на пример, околу 80.000 луѓе се каснати од змија секоја година, од кои 400 умираат. Тоа е голем проблем и вистинска закана во други делови од светот, но не и во Австралија“, додаде Сомавера.