СТИНГ Е ПРВАТА СВЕТСКА МУЗИЧКА ЅВЕЗДА КОЈА ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ГО НАПОЛНИ СТАДИОНОТ „ТОШЕ ПРОЕСКИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Џејмс Браун, Сантана и Пинк, тоа се единствените светски музички ѕвезди кои досега имаат настапено на некогашниот Градски стадион во Скопје, а сега „Тоше Проески“. Вечерва оваа кратка листа ќе ја дополни Стинг, кој прв ќе се обиде да го наполни стадионот, имајќи предвид дека останатите три концерти беа организирани на Јужната трибина.

Организаторот „Авалон продукција“ најави бројка од околу 25.000 фанови, од кои 5.000 од регионот, за кој овој концерт е ексклузивен, бидејќи Стинг ќе ја однесе оваа турнеја само уште во Софија. Згора на тоа, Скопје е единствениот град на турнејата кадешто Стинг ќе свири на стадион.

Тоа секако бара и најсовремена опрема, па на стадионот ќе биде поставена главната бина од фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, додека звукот, светлото и видеото ќе бидат според инструкциите на техничкиот тим на Стинг.

Ракометарите на Вардар успеаја да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите, па одложувањето на почетокот на концертот за половина час се покажа оправдано: Влатко Стефановски и неговото трио почнуваат во 20.30, додека Стинг излегува на сцена во 22 часот. Тој ќе свири двочасовен материјал, што ќе се базира на најголемите хитови на „Полис“ и од неговата соло кариера, неодамна објавени во современа верзија на албумот „Мои песни“, како што е и името на турнејата. Публиката нека биде подготвена и на дожд.

Г. КОНЕВ