ГРАН ПРИ ЗА „НЕМАМ КАДЕ ДА СЕ ВРАТАМ“ НА ДРАМСКИОТ АМАТЕРСКИ ФЕСТИВАЛ ВО КОЧАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Немам каде да се вратам“ ја освои Гран при наградата на 60. јубилејно издание на меѓународниот Драмски аматерски фестивал во Кочани. Претставата е во режија на Дени Стојанов, во изведба на театарот „Кунстверкштат“ од Скопје.

Во образложението на жирито во состав Борис Чоревски, Несрин Таир и Катерина Соколова стои дека претставата го добива највисокото признание „Васил Ќортошев“ за „квалитетна колективна игра со комплицирана естетика во изразувањето на сериозна светска проблематика“.

Кристина Николова е прогласена за најдобра актерка за улогата на Ева во претставата „Умри машки“, во режија на Томе Атанасов од Домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Капија, а наградата за машка главна улога ја доби Виктор Анѓелкоски за претставата „Бенг Бенг и мртов си“, во изведба на Центарот за култура „АСНОМ” од Гостивар.