Адел и Леди Гага се меѓу имињата кои се поканети во членство на Академијата за филмска уметност и наука, која ги организира Оскарите. Таа покани 842 нови членови од 59 земји и за првпат постигна родова еднаквост.
Половина од поканетите членови се жени. Во 10 од 17 оддели, вклучувајќи режија, сценарио и продукција, се поканети повеќе жени од мажи. Според Академијата, од 2015 година е зголемено присуството на жени од 25 на 32 отсто, како и на Афроамериканци од осум на 16 отсто.
Годинава покани добија и Клер Фој, Стерлинг К. Браун, Летисија Рајт и Том Холанд. Ако повеќето од нив бидат прифатени, Академијата ќе брои над 9.000 членови.