10-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ БЕЗ ДЛАНКИ ПОБЕДИ НА НАТПРЕВАРОТ ВО УБАВО ПИШУВАЊЕ ВО САД

Фредерик, Мериленд, (Би-Би-Си)

Десетгодишно девојче ја доби честа да го изведе првото фрлање на бејзбол натпреварот помеѓу Балтимор ориолс и Кливленд индијанс. И тоа можеби немаше да биде некоја голема вест ако не се знае дека Сара Хајнсли е родена без двете дланки.

Сара неодамна го привлече вниманието на американската јавност откако и покрај својот хендикеп, победи на националниот натпревар во ракописно пишување.

Ученичка во трето одделение во регионалното католичко училиште во Фредерик, Мериленд, Сара кога пишува, држи молив меѓу краевите од своите раце. Таа вели дека кога нејзината учителка ја научила да пишува ракописно, сфатила дека е талентирана за тоа.

Сара пишува така што го држи моливот меѓу краевите од своите раце

„Помислив дека е лесно и потоа доста вежбав на училиште. Ракописно пишување е како создавање уметност, ми се допаѓа како се формираат буквите“, изјави Сара, која за победата беше наградена со 500 долари.

Таа се надева дека нејзината приказна ќе биде инспирација за други деца со хендикеп.

„Горда сум што победив и се надевам дека и други деца кои се соочуваат со предизвици ќе учат од мојот пример“.

Родена во Кина, Сара пред четири години била посвоена од семејство во САД и за кратко време го совладала англискиот јазик. Таа никогаш не носела протези.

„Сара е многу независна девојка. Функционална е и без протези и навистина нема потреба од нив. Понекогаш ги прави работите подобро од нас“, вели мајка ѝ Кетрин.