ЏОС СТОУН ДЕПОРТИРАНА ОД ИРАН НА СВОЈАТА СВЕТСКА ТУРНЕЈА

Техеран, (Гардијан)

Британската пејачка Џос Стоун беше депортирана од Иран, откако пристигнала таму во рамките на својата светска турнеја, на којашто планираше да настапи во сите држави.

Стоун вели дека само била во посета во Иран и дека немала намера да пее таму, но властите не ѝ поверувале дека нема да одржи јавен настап.

„Нѐ приведоа, па нѐ депортираа. Бевме свесни дека нема да можеме да одржиме јавен концерт бидејќи сум жена, а тоа е илегално во оваа земја. Признавам дека не ми се одеше во ирански затвор, ниту имам намера да ја менувам политиката на земјите во коишто патувам. Сепак, властите не ни поверуваа дека нема да одржиме јавен концерт, па нѐ ставија на црна листа. Нѐ задржаа преку ноќ и нѐ депортираа наредното утро“, напиша Стоун на Инстаграм.

Пред да дојде во Иран, Стоун настапи во Либија, а на нејзината необична турнеја успеа да одржи мали концерти и во Сирија, Северна Кореја и Саудиска Арабија.