ПОЛОВИНА ОД НОВОКУПЕНИТЕ АВТОМОБИЛИ ВО НОРВЕШКА ОВАА ГОДИНА СЕ ЕЛЕКТРИЧНИ

Осло, (Ројтерс)

Речиси половина од новокупените автомобили во Норвешка во првите шест месеци од годината биле со целосно електричен погон, што е за една четвртина повеќе во споредба со истиот период лани, што оваа земја ја прави глобален лидер на ова поле.

„Модел 3“ на „Тесла“ беше најпродаваното возило во Норвешка, објави тамошната Автомото федерација.

Од сите купени нови автомобили од јануари до јуни, 48,4% биле електрични, додека за целата 2018 бројките изнесуваат 31,2%. Иако голем произведувач на нафта, Норвешка убедливо има најмногу електрични автомобили по глава на жител на светот.

Со амбиција целосно да ја забрани продажбата на бензински и дизелски возила до крајот на следната деценија, Норвешка ги ослободува електричните автомобили од високи даноци, а сопствениците имаат и други придобивки, како попусти на патарини. Ваквата политика ја поттикна продажбата на модели на „Тесла“, „Нисан“, „Хјундаи“ и „БМВ“, додека некои други компании забележаа пад.

Според податоците на Меѓународната енергетска агенција од 2017, најголем удел во купувањето електрични автомобили по Норвешка имаа Шведска и Исланд.