Древниот град Вавилон и национален парк во Исланд исполнет со глечери, ледени пештери и вулкани се меѓу локациите кои беа додадени на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.
Меѓу додадените имиња особено се истакнуваат остатоците на градот Вавилон во Ирак, кој првпат се спомнува во 23. век пред нашата ера и можеби бил дом на едно од седумте светски чуда – Висечките градини. Иако низ историјата многу се пишувало за неговите величествени палати и храмови, денес малку може да се види од неговата најстара ера, а и тоа постојано трпи оштетувања.
Кон листата е додаден и националниот парк Ватнајекул во Исланд, основан во 2008 година. Тој се простира на 14% од земјата и е познат по својот драматичен пејзаж, кој вклучува вулкани, земјотреси, глечери, кратери и геотермални активности.
Локации во Кина, Буркина Фасо и Иран, исто така, се вклучени во листата, а нови имиња ќе бидат објавени во текот на викендот.