Дуа Липа најави дека нејзиниот нов албум излегува наскоро, две години откако со дебитантското истоимено издание стана една од најголемите светски поп атракции.
„Тој се прави веќе долго време и суперсреќна сум. Нервозна сум, затоа што се чувствувам како сè одново да се случува“, изјави 23-годишната британска пејачка по потекло од Косово.
На новиот албум таа соработува со имиња како Фарел Вилијамс, Најл Роџерс и Дипло.
Таа вели дека откако го објави првиот албум има добиено појасна идеја што сака да каже со својата музика и, во меѓувреме, стана гласен поддржувач на женска еднаквост и на правата на ЛГВТ-заедницата.
„Новиот албум ќе биде носталгичен поп албум. Тој ќе биде дел од мојата постојана комуникација со фановите и слушателите“, вели Липа.
Дуа Липа, која е родена во Лондон, го најави својот подем со синглот „Нови правила“, што стигна до првото место на британската топ-листа, за годинава да освои Греми за најдобар нов уметник и за најдобра денс песна.