„СВАРОВСКИ“ ПОСТАВИ КАРУСЕЛ СО 15 МИЛИОНИ КРИСТАЛИ ВО АВСТРИЈА

Виена, (Дезин)

Шпанскиот дизајнер Џејми Хајон го заврши каруселот со 15 милиони „сваровски“ кристали за забавниот парк на оваа компанија во Австрија.

Вртелешката е поставена во забавниот парк на „Сваровски“ во Ватенс, во планинската област Тирол. Отворен во 1995 во чест на 100-годишнината на компанијата, паркот е популарна туристичка атракција во областа. Тој е дизајниран за „да потсетува на традиционалните карусели, задржувајќи ја неговата носталгична нота“.

Шпанскиот дизајнер Џејми Хајон (Фото: Дезин)

Хајон ги заменил коњчињата кои вообичаено се движат горе-долу со серија црно-бели фигури, за кои се инспирирал од фолклорот и бајките.

„Карусел предизвикува чувства на слобода и радост. Тоа е уметничко дело во движење и место каде се развива имагинацијата. Се радувам што луѓето ќе бидат транспортирани во оваа бајка“, вели дизајнерот.