ТОМ КРУЗ Е ПОВТОРНО МАВЕРИК ПО 33 ГОДИНИ – ОБЈАВЕН ПРВИОТ ТРЕЈЛЕР ЗА „ТОП ГАН 2“

Сан Диего, (Гардијан)

Том Круз ненајавено се појави на фестивалот „Комик-Кон“ во Сан Диего, кадешто беше прикажан првиот трејлер за долгоочекуваното продолжение на „Топ ган“.

По цели 33 години, сега 57-годишниот Круз се враќа во улогата на пилотот Маверик во „Топ ган: Маверик“, во кој ќе се соочи со дронови и со петта генерација борбени авиони. Тој го опиша филмот како „љубовно писмо за авијација“.

Вал Килмер повторно го игра Ајсмен, а нови имиња се Мајлс Телер, Џенифер Коноли, Џон Хем и Џеј Елис.

Овој проект првпат беше најавен во 2010 година, а го режира Џозеф Козински.

„Пилотите се враќаат, потребата од брзина. Ќе имаме големи, брзи машини, тоа ќе биде натпреварувачки филм, како и првиот, но напредок за Маверик“, изјави Круз.

Оригиналниот „Топ ган“, режиран од Тони Скот, е еден од синонимите на 1980-ите и заработи 350 милиони долари на светско ниво. Продолжението доаѓа во киносалите на 16 јуни 2020.