Баз Олдрин и Мајкл Колинс, преживеаните членови на мисијата „Аполо 11“, се обединија во Белата куќа за 50-годишнината од првото слетување на човекот на Месечината.
Тие беа примени од претседателот Доналд Трамп, чија администрација планира да ги обнови мисиите на Месечината до 2024 година, за во следната деценија да се оди и на Марс.
„Го враќаме гламурот во вселенската програма“, кажа Трамп.
Покојниот Армстронг, првиот човек кој стапна на Месечината на 20 јули 1969 година, беше претставуван од двајцата синови.
Трамп притоа ги праша легендарните астронаути дали можеби може директно да се оди на Марс, на што доби потврден одговор од 88-годишниот Колинс.
„И мене така ми се чини, а кој знае подобро од овие луѓе“, рече Трамп.
Администраторот на НАСА Џим Брајденстин, сепак, ја посочи важноста на мисиите на Месечината.
„Таа е важна како терен за тренинг. Исто така, мисии на Марс се можни на секои 26 месеци, а и тогаш патувањето би траело седум месеци“, појасни Брајденстин.