НАЈМОЌНИТЕ ФИЛМСКИ ПРОДУКЦИИ ИМ НУДАТ 200 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА СЦЕНАРИСТИТЕ НА „ИГРА НА ТРОНОВИ“

Лос Анџелес, (Индипендент)

Стриминг сервисите „Нетфликс“ и „Амазон“ и филмското студио „Дизни“ се во трка за ексклузивни договори со сценаристите на „Игра на тронови“.

Иако Дејвид Бениоф и Д. Б. Вајс добија многу негативни реакции од обожавателите за последната сезона на „Игра на тронови“, тоа не ги премисли најголемите светски филмски продукции, па на овој двоец дури му нудат договори од 200 милиони долари.

Според „Вараети“, Ејч-Би-О, Ен-Би-Си и „Епл“, исто така, биле заинтересирани со нив да развијат нови филмски и телевизиски проекти, но тие веќе отпаднале од трката. „Дедлајн“ пишува дека „Амазон“ сака да ги ангажира на серијата „Господар на прстените“, на која веќе работи еден од извршните продуценти и сценаристи на „Игра на тронови“, Брајан Когман.

Засега „Дизни“ е во предност, бидејќи Бениоф и Вајс моментално работат на сѐ уште неименуван филм од новата сага „Војна на ѕвездите“.

Минатата недела, „Игра на тронови“ доби рекордни 32 номинации за наградата Еми, со што Ејч-Би-О го надмина „Нефликс“ за годинава.