Шестгодишничка од Јужна Кореја со над 30 милиони следбеници на Јутјуб станала сопственичка на петкатен имот во Сеул.

Малата Борам платила осум милиони долари за зграда во трендовската населба Гангнам преку компанијата основана од нејзините родители, покажуваат официјалните документи.

Борам има два популарни канала на Јутјуб, при што прави реценции на играчки и има видеоблог, со вкупно 31,3 милиони следбеници. Нејзиниот најпопуларен клип, во којшто прави инстант тестенини со пластичен прибор за јадење, има собрано 376 милиони прегледи.

Детските ѕвезди се голем бизнис на Јутјуб. Според „Форбс“, најбогат меѓу нив е седумгодишниот Американец Рајан Каџи, чиј канал „Рајан тојсривју“ остварил приход од 22 милиони долари минатата година, привлекувајќи над 20 милиони претплатници.

Јутјуберите заработуваат на разни начини, но најчесто преку реклами и партнерство со брендови.