„Вудсток 50“, проблематичниот музички настан со кој требаше да се одбележи 50-годишнината од легендарниот фестивал и културен феномен, и официјално е откажан на само две недели до неговото одржување.
Организаторите објавија дека биле принудени на ова поради „низа непредвидени пречки“ и оваа вест нема никого да изненади, имајќи предвид дека фестивалот претходно ја промени локацијата, не ни почна да ги продава картите, а изминативе денови најавените музичари еден по еден го откажуваа настапот. Главниот финансиер се повлече во април и уште тогаш кажа дека фестивалот најверојатно нема да се случи.
„Вудсток 50“ првпат беше најавен во јануари и организаторот Мајкл Ленг планираше да собере 100.000 луѓе на настанот што требаше да се одржи од 16 до 18 август во Воткинс Глен, Њујорк. Иако се појавија шпекулации за финансиски проблеми, фестивалот објави импресивна листа учесници, вклучувајќи и неколку имиња од оригиналниот „Вудсток“. Фестивалот потоа беше преселен во Мериленд, по што и учесниците почнаа да се откажуваат.