ПОСЛЕДНИОТ ФИЛМ НА БИЛЈАНА ГАРВАНЛИЕВА ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО НА МАКЕДОКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата македонска режисерка Билјана Гарванлиева, вечерва ќе ја има својата премиера на фестивалот МакеДокс. Филмот што го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер ќе биде прикажан пред Куршумли ан, со почеток во 20.30 часот.

„Овој филм ја опишува состојбата на една генерација која плови меѓу надежта и стварноста, истовремено поставувајќи прашања за реалниот живот во услови на безизлезност. Тројцата протагонисти полека го напуштаат родниот крај – некој го прави тоа затворајќи се во себе, друг талкајќи низ бесконечното“, се вели во најавата на филмот.

„Тетовски самрак“ трае 65 минути и е петти документарен филм на Гарванлиева, која почина на 43 години во 2016 во Берлин, кадешто живееше и работеше.