ТЕЈЛОР СВИФТ ОДНОВО ЌЕ ГИ СНИМА ПРВИТЕ ШЕСТ АЛБУМИ ОТКАКО ГИ ИЗГУБИ ПРАВАТА ВРЗ НИВ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Тејлор Свифт најави дека планира да ги преработи сите свои рани хитови, откако целиот нејзин музички каталог беше купен од менаџерот Скутер Браун, за што, како што вели, никој не ја известил.

Пејачката го обвини Браун за „постојано, манипулативно малтретирање“ и додаде дека планира одново да ги сними своите први шест албуми. Ова најрано ќе може да го направи следната година, кога тоа ќе ѝ го дозволи договорот.

Свифт ги објави првите шест албуми под етикетата на издавачката куќа „Биг машин“, која во јуни беше купена од Браун. Минатата година, таа потпиша за „Јуниверзал“.

„Сега сум дел од издавачка куќа која смета дека треба да сум сопственик на сето она што го создавам. Апсолутно имам намера одново да ги снимам моите први шест албуми“, изјави Свифт.