Не постои оскар за категоријата кастинг, но оној што ја собрал екипата за филмот „Bombshell“ несомнено го заслужува.
Откако излезе првиот трејлер за драмата која го опишува падот на медиумскиот могул Роџер Ејлс, јавноста не престанува да се воодушевува на трансформациите на главните актерки Шарлиз Терон и Никол Кидман.
Двете оскаровки ги играат прославените американски новинарки Мегин Кели и Гречен Карлсон, кои го покренаа големиот скандал за сексуално вознемирување во ТВ-мрежата „Фокс њуз“, обвинувајќи го лично моќниот Ејлс, по што тој беше принуден да се повлече во 2016 и почина една година подоцна.
Во трејлерот, покрај Терон и Кидман, се појавува и Марго Роби, но нејзиниот лик е измислен.
„Bombshell“ ќе излезе во декември и се предвидува дека ќе биде сериозен играч во сезоната на награди. Во улогата на Ејлс е ветеранот Џон Литгов, а дел од екипата се и Кони Бритон, оскаровката Алисон Џени, Малколм Мекдауел и Кејт Мекинон.