РУСИЈА ЈА ЛАНСИРАШЕ ПРВАТА ПЛОВЕЧКА НУКЛЕАРКА НА СВЕТОТ

Москва, (Би-Би-Си)

Русија ја лансираше првата пловечка нуклеарна станица на светот, која треба да помине 5.000 километри од арктичкото пристаниште Мурманск до Чукотка на далечниот исток. Наречена „Академик Ломоносов“, таа има за цел да обезбеди електрична енергија за оддалечени области, вклучувајќи рударски комплекс во Чукотка. Радиоактивниот отпад ќе се складира на самото пловило.

Пловечката нуклеарка се градеше во изминатите девет години во Санкт Петербург и таа содржи два нуклеарни реактора какви што се користат на руските ледоломци. Тие имаат комбиниран капацитет од 80 мегавати и се заштитени од цунами.

Руските медиуми објавија дека станицата располага со доволно енергија да осветли и загрева град со 100.000 жители. Долга 140 и широка 30 метри, нуклеарката треба да биде оперативна 40 години.