НОВИОТ АЛБУМ НА „КЈУР“ ЌЕ БИДЕ ИНСПИРИРАН ОД ЛИЧНИТЕ ТРАГЕДИИ НА ФРОНТМЕНОТ РОБЕРТ СМИТ

Лондон, (НМЕ)

Фронтменот Роберт Смит откри дека мрачниот тон на новиот албум на „Кјур“ е инспириран од смртта на неговите мајка, татко и брат. Неговиот работен наслов е „Во живо од Месечината“ (Live From the Moon) и тој се надева дека ќе успеат да го завршат оваа година.

„Како и секогаш, вокалите се тие кои го одложуваат албумот. Цело време се навраќам и одново ги снимам и во еден момент ќе мора да кажам тоа е тоа“, изјави Смит.

Тој вели дека новите песни произлегуваат од неговото искуство од мрачната страна на животот.

„Неодамна ги изгубив и мајка ми и татко ми и брат ми и тоа несомнено се одрази врз мене. Албумот не звучи немилосрдно безнадежно, туку сакав да создадам голема палета од звуци“.

Последниот албум на „Кјур“ излезе пред 11 години.

„Имаме намера албумот да го објавиме оваа година и ќе ми биде многу криво ако не успееме. Во еден момент ќе мора да завршиме со снимањето оти веќе нема да може да го направиме подобар“, вели Смит.