Прва серија направена да се гледа исклучиво на мобилен телефон ќе почне да се прикажува на 4 септември.

Дело на австралиската ТВ-мрежа Еј-Би-Си, „Содржина“ (Content) ќе има седум епизоди и ќе се гледа „вертикално“ ексклузивно преку Фејсбук, Јутјуб, Инстаграм и АјВју.

„Нашата премиса беше како да земеме конвенционална филмска структура и да ја ставиме на телефон. Оттука почнавме да ја развиваме серијата“, вели извршниот продуцент Ке Минх Лу.

Комичната серија ќе ја следи самодопадливата миленијалка Луси од Бризбејн, која е посветена по секоја цена да стане интернет инфлуенсерка. Дејството ќе се случува во реално време, гледано од перспективата на смартфонот на протагонистот. Снимена во опцијата „портрет“, „Содржина“ е опишана како прва „вертикална“ серија на светот.

„Ќе се држиме до приказната, но сѐ што ќе видите на екранот, како, на пример, коментарите што се појавуваат, се однапред креирани“, вели корежисерот Дејли Пирсон.