КРАЛСКА ВЕНЧАВКА НА БРИТАНСКАТА ПЕЈАЧКА ЕЛИ ГУЛДИНГ, ВЕНЧАНИЦАТА СЕ ПРАВЕЛА 24 ДЕНА

Јорк, (Би-Би-Си)

Поп ѕвезди, уметници и членови на кралското семејство беа гости на гламурозната венчавка на британската пејачка Ели Гулдинг, што се одржа во катедралата во Јорк. Триесет и двегодишната Гулдинг се омажи за пет години помладиот дилер на уметнички дела Каспер Џоплинг, со кого се сврши лани.

Венчаницата е креација на модната куќа „Клои“ (Фото: ПА)

Гулдинг носеше венчаница во викторијански стил, дело на дизајнерката на париската модна куќа „Клои“, Наташа Ремзи-Ливи. За изработка на оваа специјална креација биле потрошени 640 часови, односно 24 дена, бидејќи сите украси биле шиени рачно. Но, тука не завршила целата работа за „Клои“, бидејќи биле потребни уште 591 час за да се креираат свилените невестински превез и јака на фустанот на Гулдинг, на кој се извезени иницијали на младоженците.

Кејти Пери и Орландо Блум беа меѓу славните гости (Фото: ПА)

„Ели беше многу вклучена во дизајнирањето на фустанот и заедно избиравме примери од викторијанската ера“, изјави Ремзи-Ливи.

Кејти Пери и Орландо Блум ги предводеа славните гости на свадбата, на која беа и Џејмс Блант, Сиена Милер, војвотката од Јорк, како и принцезите Јуџини и Беатрис.