ХОАКИН ФЕНИКС ОСЛАБНАЛ 23 КИЛОГРАМИ И ЧИТАЛ КНИГИ ЗА АТЕНТАТОРИ ЗА УЛОГАТА НА ЏОКЕР

Венеција, (АП)

Хоакин Феникс поминал осум месеци во истражувањето како стенд ап комичарот Артур Флек станал непријател на Бетмен, ослабнал 23 килограми, проучувал нарушувања на личноста и вежбал како постојано и постојано да се смее. Неговиот нов филм „Џокер“ имаше премиера викендов на Венецискиот фестивал и е еден од фаворитите за Златниот лав, а во кината ќе игра од 4 октомври.

Феникс пред премиерата кажа дека екстремното намалување на тежината го довело до ниво на лудило, кое му помогнало да се подготви за улогата, како и книгата за психологијата на атентатори на политичари.

„Сакав да создадам криминалец психопат кој не може лесно да се категоризира. Не сакав психолог да може да открие каков тип на човек сум. Сакав карактерот да остане мистерија“, рече актерот.

Филмот е еден од фаворитите за Златниот лав, а во кината ќе игра од 4 октомври (Фото: АП)

Вели дека бил многу нервозен за тоа каква ќе му биде смеата, па го замолил режисерот и сценарист Тод Филипс да дојде во неговиот дом и со часови држеле еден вид кастинг за да го изберат начинот на смеење.

Критичарите му предвидуваат Оскар на Феникс, но тој се воздржа од коментари за награди на прес-конференцијата и повеќе говореше за креативниот процес.

„Не сум имал вакво искуство досега. Колку повеќе е непредвидливо, толку е поинспиративно“.