ЏИЈАН ЕМИН И ДЕРИК МЕЈ ВООДУШЕВИЈА ВО „РОЈАЛ ФЕСТИВАЛ ХОЛ“ ВО ЛОНДОН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Џијан Емин го донесе својот уникатен проект со легендата на техно музиката Дерик Меј во Лондон и ја крена на нозе публиката во „Ројал фестивал хол“. Под негово диригентство, оркестарот „Сити оф Лондон симфонија“ изведе композиции на Меј и Емин, за чии оркестарски аранжмани се погрижи токму македонскиот уметник.

„Концертот беше дел од фестивалот ‘Мелтдаун’, чиј куратор е легендарниот продуцент Најл Роџерс. Настанот помина прекрасно. Оркестарот беше фантастичен, како и маестралните Сем Лик на соло пијано и Елоиз Вернер како вокал. Првпат во историјата на ‘Ројал фестивал хол’ публиката ја понесе еуфорија и стана да танцува. Добивме овации и нѐ викнаа двапати на бис“, вели Емин.

Тој го опиша настапот како еден од најважните во неговата кариера.

„Многу сум среќен што имавме можност да одржиме концерт во еден таков престижен простор. Во публиката имаше многу ѕвезди, кои јас како дете сум ги гледал на телевизија и тоа беше дополнително задоволство“, додаде Емин.