„Ламборгини сијан“ ќе биде првиот хибриден суперавтомобил на италијанската компанија што ќе оди во сериско производство. Претставен во пресрет на Моторшоуто во Франкфурт, што почнува на 12 септември, „сијан“ е опишан како најбрзиот и најмоќен „ламборгини“ на сите времиња.
Со В12 моторот од 785 коњски сили и со електричниот мотор од 34 коњски сили, „сијан“ вкупно произведува 819 коњски сили и до 100 километри на час забрзува за само 2,8 секунди. Тој максимално може да развие околу 350 км/час, што и му го донесе името „сијан“, што на болоњски дијалект значи „молња“.
„Ламборгини“ веќе имаше еден концептуален електричен спортски автомобил, „терцо миленио“, но ова е неговиот прв конкретен чекор кон електрификација.
„Сијан“ ќе биде произведен во само 63 примероци (во чест на годината на основањето на компанијата, 1963) и сите се однапред продадени, по почетна цена од 3,6 милиони долари. Внатрешноста на автомобилот содржи 3-Д отпечатени делови.
„‘Сијан‘ е футуристичка икона. Тој дава и визуелно и симфониско уживање, и на оние кои поминуваат покрај него и на оние кои имаат привилегија да го возат. Сопствениците добија можност да додадат и нешто свое, што секој примерок го прави уникатен“, вели шефот на дизајнот на „Ламборгини“, Митја Боркерт.