Дали е правилно да се убие човек кој е зол или, пак, не е зол и што му прави тоа на извршителот? Дали може да се дистанцира од тоа што го прави? Дали го допира? Ова се прашањата кои британско-ирскиот автор Мартин Мекдона ги поставува во драмата „Бесачи“, која на сцената во Македонскиот народен театар (МНТ) ја пренесе реномираниот бугарски режисер Јавор Грдев.
Публиката на синоќешната премиера со искрен и долг аплауз од нозе ѝ честиташе на екипата: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски и Трајче Ѓоргиев.
Грдев и актерите мајсторски ја донесоа приказната за бесачите, бесачкиот занает, публиката жедна за крв, за тоа како насилството раѓа насилство, за тоа дали секој човек е потенцијален насилник.
Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, а драматург е Дејан Дуковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, а композитор е Калин Николов. Извршна продуцентка на претставата е Симона Угриновска. Репризата е вечерва, а следните изведби се закажани на 8 и 9 октомври. Претставата е наменета за публика над 18 години.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. Попов