ГЛАВНИОТ ГРАД НА АВСТРАЛИЈА ЈА ЛЕГАЛИЗИРАШЕ МАРИХУАНАТА

Канбера, (Би-Би-Си)

Австралиската Престолнинска Територија, која го опфаќа и главниот град Канбера, стана прва федерална област во државата која ја легализираше марихуаната.

Законот што го усвоија територијалните власти им дозволува на возрасни жители да поседуваат до 50 грама марихуана и да одгледуваат најмногу четири стебла. Користењето канабис останува забрането во остатокот од Австралија, додека медицинската употреба беше легализирана во 2016. Според податоците на здравствените власти, 35% Австралијци на возраст над 14 години имаат консумирано марихуана.

Уругвај и Канада беа првите земји кои целосно ја озаконија марихуаната, а тоа го направија и неколку американски сојузни држави, вклучувајќи ја и Калифорнија.

Австралиската Престолнинска Територија има 400.000 жители и се состои од градот Канбера и од околните области. Новиот закон ќе стапи на сила на 31 јануари.

Следната година, и Нов Зеланд ќе одржи референдум за легализација на марихуаната.