МАКАРТНИ И СТАР ОДБЕЛЕЖАА 50 ГОДИНИ ОД ИЗЛЕГУВАЊЕТО НА АЛБУМОТ „ЕБИ РОУД“

Лондон, (НМЕ)

Изминаа точно 50 години од излегувањето на последниот албум на „Битлс“ и по тој повод, преживеаните членови Пол Макартни и Ринго Стар се обединија на одбележувањето на овој јубилеј во студиото „Еби роуд“ во Северен Лондон.

Истоимениот албум беше објавен на 26 септември 1969 година и на него се наоѓа последниот материјал што Макартни, Стар, Џон Ленон и Џорџ Харисон заеднички го снимија во студио. Комбинирајќи елементи на блуз, поп и прогресивен рок, „Еби роуд“ доживеа голем комерцијален успех и се продаде во четири милиони примероци за само шест недели, а во музичките анали влезе и со омотот на кој членовите на групата се прикажани како поминуваат улица.

„Место последен здив на бенд на умирање, Џон, Пол, Џорџ и Ринго работеа уште понапорно, свесни дека ова им е последна шанса. ‘Еби роуд‘ има звук на бенд кој се наоѓа на врвот на својата форма. Пол и Ринго ми кажаа дека биле навистина добри тие денови“, вели продуцентот Џил Мартин, чиј татко Џорџ го продуцираше овој легендарен албум.

Џил Мартин ја работеше ремиксираната верзија на албумот, што излезе во петокот.

Макартни и Стар пристигнаа на забавата со сопругите Ненси Шевел и Барбара Бах. Двајцата соработуваат и на новиот албум на Стар, што ќе излезе на 25 октомври.