ШВЕДСКИ УМЕТНИЦИ СО ИНСТАЛАЦИЈА ОД 17.000 ДЕЛА СЕ БОРАТ ПРОТИВ ДЕПОРТАЦИЈА НА 17.000 МИГРАНТИ

Стокхолм, (Дезин)

Уметничкиот колектив „Скапарколективет форма“ направи инсталација од 17.000 уникатни мали уметнички дела, кои ги претставуваат мигрантите кои се очекува да бидат депортирани од Шведска. Колективот ја направил инсталацијата наречена „17.000“ откако дознал дека тоа е бројката тинејџери кои без придружба треба да бидат депортирани во Авганистан.

Инсталацијата ја направија 1.500 уметници и првично ја изложија во уметничка галерија во Стокхолм.

Секое од уметничките дела е уникатно (Фото: Дезин)

„Во 2015, нашата мала земја прими 23.500 малолетници од Авганистан, кои дојдоа без придружба. Тие добија дом и образование, се зачленија во фудбалски тимови и навистина се водеше грижа за нив. Но, шведската влада се испаничи и направи нов закон, со кој одлучи 17.000 од нив да бидат депортирани“, велат уметниците.

Тие додадоа дека иако 6.500 мигранти добиле дозвола да студираат во Шведска, се очекува останатите 8.500 да бидат депортирани.

„Сакаме овие 17.000 луѓе да бидат забележани. Сакаме да потенцираме дека секој од нив е индивидуалец со уникатен живот“, велат тие.