Трпеливо и со голема возбуда, публиката синоќа стоеше во редици пред Чифте амам, на отворањето на изложбата на Рубенс Корубин, еден од најреномираните македонски сликари. Корубин со изложбата „Ателје – радоста на сликањето“ прослави два јубилеја, 70. роденден и 45 години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград.
Огромен број уметници, професори и бизнисмени чекаа да се поздрават и да му честитаат на уметникот, кој вели дека со оваа изложба сака да го извади своето ателје надвор и за таа цел се претстави со 70-ина дела, од кои 30-ина се нови.
Директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими рече дека Корубин е еден од великаните на македонската уметност, а неговите слики се одликуваат со фасцинантно емотивно богатство, како и дека неговата уметност е неповторлива.
„Љубителите на ликовната уметност, по еден подолг период, повторно се среќаваат со творештвото на авторот чии дела создадени со неговиот индивидуален сликарски ракопис се потврда за посебноста на неговото творештво, за периодот во кој твори и во кој симболично можеме да кажеме дека минатото и иднината се преплетуваат“, рече министерот за култура Хусни Исмаили.
Изложбата ќе биде отворена до 31 октомври.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. Попов