Јапонската автокомпанија „Тојота“ создаде автономно електрично возило за потребите на учесниците на Летните олимписки игри 2020 во Токио. При дизајнирањето на „е-палет“ била водена сметка тоа да биде пристапно и за параолимпијците, па затоа возилата имаат големи врати, низок под и електрична рампа.
Овие возила ќе ги опслужуваат спортистите и друг персонал во Олимпиското село. Тие ќе можат да примат четворица патници во инвалидска количка и најмногу седуммина што стојат.
Возилото ќе биде контролирано од специјално дизајниран систем на автономно возење, што содржи хардвер, софтвер и напредни сензори. Системот ќе ја набљудува и околината под агол од 360 степени, со цел да препознава пречки. Неговата максимална брзина ќе биде 20 километри на час.