Бендот на грчкиот музичар Фоивос Деливоријас вечерва од 20 часот ќе настапи во Клуб ресторанот МКЦ, во рамките на Фестивалот на грчки филм и култура во Скопје, кој почна синоќа.
Организаторот најавува дека бендот доаѓа со специјален репертоар за оваа прилика и ќе свири музика од познати грчки филмови. Тие ќе изведат перформанс со песни од Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка, Америка“, „Јастог“ на Лантимос, филмови на Тео Ангелопулос, како и од стари популарни грчки мјузикли.
Бендот го сочинуваат виолинистот Антонис Сусамоглу, Џорџ Кацанос (мулти-инструменталист) и пејачот Нефели Фасули.
Фестивалот го организираат Здружението за промовирање на филмската уметност и култура „Арт синема Скопје“ и Меѓународниот филмски фестивал Киненова, под покровителство на Амбасадата на Грција.