КУЧИЊАТА ИМААТ НОС ЗА АРХЕОЛОГИЈА ОТКРИВАЈЌИ 3.000 ГОДИНИ СТАРИ ГРОБНИЦИ ВО ХРВАТСКА

Загреб, (Гардијан)

Истренирани кучиња го користат своето истенчено чувство за мирис за да им помагаат на археолозите да откријат древни гробници во Хрватска стари речиси 3.000 години.

Овие кучиња имаат намирисано гробни места што содржат човечки коски и артефакти во ридска тврдина на планината Велебит долж Јадранското Море и експертите сметаат дека ова е добар начин за идентификување археолошки локалитети бидејќи е помалку уништувачки од повеќето традиционални методи.

„Носевите на кучињата очигледно не прават грешки“, вели Ведрана Главаш, професор по археологија на Универзитетот во Задар.

Експертите велат дека кучињата можат да намирисаат арома на распаѓање (Фото: Универзитет во Задар)

Таа веќе имала пронајдено неколку гробници во близина на праисториската тврдина Дрвишица, која потекнува од осмиот век пред нашата ера, кога се обратила за помош кај Андреа Пинтар, која тренира кучиња да намирисуваат гробови во криминални истраги. Пинтар ѝ позајмила белгиски овчар и германски овчар, кои, кога биле тестирани, откриле три гробници, иако човечки остатоци и други артефакти веќе биле отстранети од нив. Областа исто така била изложена на ветер, сонце и дожд за време на ископувањата. Главаш смета дека почвата апсорбирала доволно арома од распаѓањето за да можат кучињата да ги детектираат.

„Секогаш користиме најмалку две кучиња за да ја потврдиме позицијата“, вели Главаш.

Благодарение на овој метод, таа подоцна открила уште шест гробници во оваа област, а потоа и на други локации во Хрватска и Германија. Кучињата секогаш се покажале доста прецизни.

„Ова е ветувачка техника во археологијата, бидејќи со неа ништо не се уништува. Човекот сѐ уште открива нови начини како кучињата можат да му помогнат“, вели британскиот археолог Анџела Пери.