„ФЛУКС“ – 25 ГОДИНИ ХЕРОИ НА УРБАНОТО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ако треба да се избере бенд кој е симбол на урбаната сцена на Скопје, „Флукс“ несомнено би бил во врвот.

Пионерите на панк рокот во Македонија одбележаа 25 години постоење на настанот во Младински културен центар пригодно насловен „Олд старс викенд“, бидејќи толку долго да се биде присутен на домашната музичка сцена и, згора на тоа, активен во релативно непроменет состав е исклучително ретка појава.

„1990-ите беа пред 20, не пред десет години“, беше еден од заклучоците на вечерта.

Роденденот на „Флукс“ беше како генерациски собир, собир на луѓе од урбаната сцена кои растеле со свирките на бендот. „Флукс“ е духот на времето кога авторските бендови владееја со ноќниот живот во викендите, кога се одеше на свирките не заради пијачка и муабет, туку првенствено заради самата свирка.

„Флукс“ секогаш ја имаше таа посебна врска со својата публика, не многубројна, ама посветена и искрена, имаше посебна, позитивна енергија да направи фешта од своите настапи, било во тесно место како „Браво“, било во цела сала само за нив, како што беше синоќа во МКЦ.

Јубилејот се совпадна со излегувањето на нивниот трет албум „Сѐ околу нас“, па во исто време беше промовиран и новиот материјал, кој покажува дека групата ни малку не живее на стара слава.

Како специјални гости свиреа милениците на помладата публика „Бигинингс“, а по цели 12 години, во живо можеше да се слушне „Тенк ворнинг нет“, кој отсекогаш важел за музички поагресивен брат на „Флукс“. И сѐ уште звучи така.

Во ист стил, „Олд старс викенд“ продолжува вечерва со еднакво „старите“ „Тотално опуштање“, „Ноу нејм нејшн“ и „Културно уметнички работници“.

ГОРАН КОНЕВ