ТЕРЕНСКИТЕ ВОЗИЛА СТАНАЛЕ ВТОР НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ НА СВЕТОТ

Лондон, (Гардијан)

Зголемената побарувачка на теренските возила (СУВ) довела до тоа тие да станат втор најголем фактор во зголемувањето на глобалните емисии на јаглероден диоксид во периодот од 2010 до 2018 година, покажа нова анализа.

Во тој период, теренците двојно го зголемиле својот удел на глобалниот пазар, од 17% на 39%, а нивните годишни емисии пораснале на повеќе од 700 мегатони јаглероден диоксид, што е повеќе од вкупните годишни емисии на Велика Британија и Холандија заедно.

На првото место е енергетскиот сектор, додека теренците сега загадуваат повеќе од тешката индустрија, камионите и авијацијата.

„Бевме доста изненадени од добиените резултати“, изјави Лаура Коци од Меѓународната енергетска агенција, која ја направила анализата.

Да беа возачите на теренците нација, тие ќе беа седмиот најголем загадувач на светот.

„Теренските возила се тешки, големи и имаат слаба аеродинамика и како резултат на тоа имате повеќе јаглероден диоксид. Проблемот е многу поголем отколку што мислевме“, појасни Флоран Грелие од групата „Транспорт и животна средина“.

Минатата година, низ светот биле продадени 35 милиони теренци.